Седиштето на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е еден од објектите што се шпионирани од американската Агенција за национална безбедност (НСА), пишува денеска австрискиот весник „Пресе“.
Како што јави ИТАР-ТАСС, весникот се повикува на новинарот на германското списание „Шпигел“, Холгер Штарк, кој има пристап до архивите на поранешниот соработник на агенцијата Едвард Сноуден.
ОБСЕ е спомената во Рамковниот документ за приоритетите на разузнавачката дејност од 9 април 2013 година. – Според овој документ објект на интерес со четврто ниво на приоритет е надворешно-политичката дејност на Организацијата, а прашањата за контрола на вооружувањето се пренесени на трето ниво, забележува „Пресе“.
Весникот, исто така, напоменува дека пред извесно време Агенцијата за национална безбедност успеала да упадне во компјутерската мрежа на ОПЕК со помош на тројанска програма, а очигледно и да внесе „бубачки“ во штабот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), на која специјакните службите на САД и дале највисок приоритет.
Виена е важна точка за американското разузнавање, подвлекува „Пресе“. – Тука живеат над 17.000 дипломати и се покажува дека меѓународните организации, а, исто така, и руската, иранската и севернокорејската амбасада се негови главни цели, додава весникот.
Освен тоа, смета Штарк, Американците успеале да се „закачат“ за инфраструктурниот јазол на интернет, сместен во Виена и да добиваат информации што минуваат по магистралниот оптички кабел.