Наредните два дена Прага ќе биде домаќин на два настани. Дводневната конференција – Прашки Европски самит и Состанокот на министрите за надворешни работи на тринаесет земји, на кој ќе се разговара за миграцијата и проширувањето на Европската унија.
Самитот, кој ќе се одржи во палатата Лобковиц, ќе го отвори потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, во рамки на работната вечера на која учествуваат министрите за надворешни работи на земјите од В4 и Западниот Балкан, Хрватска, Словенија и Советот за регионална соработка, јави дописникот на МИА.
Меѓу повеќе од 150 гости ќе бидат и поранешната шпанска министерка за надворешни работи Ана Паласио и претседателката на надворешната комисија на украинскиот Парламент Хана Хопко.
Прашкиот Европски самит е замислен како платформа за редовна стратешка дебата на високо ниво за иднината на ЕУ. Неговата цел е да се разговара за заедничките одговори на клучните предизвици со кои се соочува Европа, во економските, социјалните, надворешно-политичките и институционалните области. Годинава ќе се занимава со реакцијата на европските институции за миграциската криза, ситуацијата во Украина и борбата против т.н Исламска држава.
Главни теми на Состанокот на земјите од В4 и Балканот, на кој ќе учествува и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд се проширувањето и миграцијата. Низ земјите на Западен Балкан до Европа, се упатуваат најголем број на бегалци, кои се главно насочени кон Германија, а нивниот прилив не запира дури и со приближувањето на зимата.
Еден од главните настани е и потпишувањето на договорот за основање фонд за Западен Балкан, од Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Kосово, како конкретен чекор кон зајакната регионална соработка по примерот на Вишеградската група, која беше создадена во 1991.
Вишеградскиот фонд е меѓународна организација со седиште во Братислава, која ја финансираат четирите членки. Целта на фондот е да помогне и да промовира развој и поблиска соработка меѓу граѓаните и институциите во регионот, како и меѓу земјите од В4.
Македонската делегација ја предводи министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој заедно со министрите од Западниот Балкан ќе учествува и на панелот со тема: ,,Како да се рестартира очекуваниот процес на проширување на ЕУ во Западниот Балкан?”
Прашкиот Европскиот самит е организиран од страна на конзорциум од три водечки чешки истражувачки институции и тинк-тенк организации, Институтот за меѓународни односи, Европски вредности и Институтот за европска политика ЕУРОПЕУМ во соработка со Министерството за надворешни работи на Чешка и на Канцеларијата на ЕК во Прага.
Втората годишнина од Самитот е планирана за јуни 2016 година со учество на министрите на В4 и земјите од Бенелукс.