Театарскиот режисер Ален Франсон е цел на нападот со нож изутринава во Монпелје и во сериозна состојба е пренесен во болница. Причините за нападот засега остануваат непознати, a осомничениот или осомничените не се пронајдени.
Нападот се случил на улица, во близина на црквата Сен Рош, каде што бил прободен со нож во грлото. Целиот кварт е блокиран од силите на редот. Мотивите што стојат зад овој напад не се познати. Осомничениот се уште не е пронајден. Ножот со кој Франсон е прободен во нападот е најден во близина на местото на инцидентот. Засега не се споменува терористичка заднина на нападот.
Франсон (76) меѓудругото режираше во драмскиот центар на Лион, а потоа и во Савоа на почетокот на 90-тите, пред да стане директор на националниот театар Колин, во Париз, во периодот од 1996 до 2010 година. Тој има добиено две награди „Молиер“ за режија во 1995 година и во 2010 година. Од средината на февруари давал часови на Националната школа за драмска уметност во Монпелје.