Пожарот во ноќниот клуб „Кис“ во градот Санта Марија во јужниот дел на Бразил, при кој во неделата загинаа 234 лица, го предизвикале пиротехнички средства кои ги употребиле музичарите за време на својот настап, а снимката од безбедносните камери е скриена од истражните органи, соопшти полицијата.
Началникот на полицијата во Санта Марија, Марсело Аригони изјави дека музичарите за својот настап набавиле средства кои се наменетни исклучиво за употреба на отворен простор, а кои биле значително поевтини од оние кои се користат во затворени места.
Аригони, исто така, истакна дека биле прекршени голем број безбедносни мерки во клубот, вклучувајќи и тоа што апаратите за гаснење пожар не биле исправни.
Во понеделникот во врска со овој случај се уапсени двајцата сопственици на клубот и двајца музичари, а полицијата и понатаму се обидува да ја пронајде снимката од безбедносните камери. Сопствениците на „Кис“ тврдат дека системот за набљудување не работел веќе два месеца.
Покрај тоа, полицијата трага и по благајната, која би можела да покаже дали оваа кобна ноќ во клубот имало повеќе луѓе од предвиденото.
Некои од преживеаните тврдат дека клубот имал само еден излез, кој бил необележан и заграден со железни прегради.
Истражните органи се под поголем притисок да го решат случајот, имајќи предвид дека Бразил се подготвува за организација на Светското првенство во фудбал во 2014 година и Олимписките игри во 2016 година.