На гасна платформа во Мексиканскиот Залив, на околу 85 километри од брегот на американската сојузна држава Лујзијана, утрово изби пожар.
Според американските власти, пред пожарот почнал да истекува гас, поради што од платформата биле евакуирани 44 работници.
Во пожарот никој не е повреден, изјави портпаролот на американското Биро за безбедност и примена на мерки за заштита на животната средина (БСЕЕ), Ајлин Анџелко.
Таа наведе дека се уште не е позната причината за пожарот. На подрачјето каде се наоѓа платформата во 2010 година се случи експлозија на платформата „Дипвотер хорајзон“, кога во морето истекоа милиони литри нафта. Тоа беше една од најголемите еколошки катастрофи во САД.