Авионот „Боинг 787-8 Дримлајнер“ на „Ер Индија“, кој леташе за Лондон со неколку стотици патници, се урна кратко по полетувањето во близина на аеродромот во индискиот град Ахмедабад. Патнички авион се урна во округот Меганинагар, предизвикувајќи паника и хаос на земјата.
Во авионот имало 242 лица. Според агенцијата „Ројтерс“, во несреќата загинале повеќе од 290 лица, а меѓу жртвите имало патници и луѓе кои биле на местото каде што се урна авионот. Еден патник го преживеал падот.
Авионот што се урна денес во Индија бил „Боинг 787-8“, оригиналната верзија на „Боинг 787 Дримлајнер“, кој влегол во комерцијална употреба во 2011 година.
Според податоците од платформата за аналитика на авијацијата IBA Insight, во моментов во светот се во употреба 354 авиони „Боинг 787-8“, со просечна возраст на флотата од околу 10 години.
Авионот што се урна денес беше во употреба единаесет и пол години, што го прави малку постар од просекот и еден од првите „Дримлајнери“ во комерцијална употреба.
По денешната несреќа, „Ер Индија“ има уште 26 авиони „Боинг 787-8“ во својата активна флота. Заедно со нив, компанијата има и седум авиони „Боинг 787-9“ во употреба.
Моделот „Боинг 787-8“ најчесто го користат десет големи авиокомпании.
Меѓу нив, „Американ ерлајнс“ е на врвот со 37 активни примероци, по што следуваат „Ол Нипон ервејс“ од Јапонија со 34 авиони и „Ер Индија“, која сега има 26 авиони од овој тип во својата флота.
„Бритиш ервејс“ (12), „Ер Европа“ од Шпанија (11) и кинеската „Хаинан ерлајнс“ (10) се исто така на врвот.
Осум авиони користат неколку превозници – „Аеромексико“ (Мексико), „Ер Канада“ (Канада) и „ТУИ ервејс“ (Велика Британија) – додека израелската „Ел Ал“ има четири.