Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф (70) замина за Дубаи, само неколку денови откако Врховниот суд на Пакистан ја укина забраната тој да ја напушта земјата.
Неговите адвокати соопштија дека Мушараф отпатувал за Дубаи на лекување, бидејки му е потребен клинички третман што не можел да му се обезбеди во некоја од пакистанските болници.
Во 2013 година, тој се врати во Пакистан по неколкугодишното самопрогонство за да учествува во парламентарните избори, но неговата регистрација како и пријавата за партијата што ја формираше, беа отфрлени.
Мушараф беше осомничен за некои од политичките случувања во земјата, во годините додека беше на челото на државата.
Посебно беше обвинуван за воведувањето на вонредната состојба во 2007 година, како и за тоа дека не сторил ништо за да се спречи атентатот и убиството на поранешниот пакистански премиер Бенизар Буто, што се случи во текот на предизборната кампања, во истата таа година.
Первез Мушараф кој во тоа време беше началник на генералштабот на пакистанската армија, дојде на власт во 1999 година со воен удар во кој беше соборен, тогаш а и сега актуелниот премиер Наваз Шариф.
Подоцна беше именуван за претседател и на таа функција остана до 2008 година, кога на власт дојде демократски избрана влада.