Полицијата во Хонг Конг употреби солзавец и пендреци во обид да ги растера илјадниците демонстранти кои се собраа пред седиштето на Владата во знак на отпор против Пекинг и намерата на кинеската власт да ги ограничи демократските реформи.
Во центарот на Хонг Конг е хаос бидејќи полицијата со часови ги држеше демонстрантите на растојание и фрлаше солзавец врз насобраниот народ. Демонстрантите беа растерани, но набрзо се вратија на претходните позиции бидејќи студентите и активистите кампираат на улицата до владиниот комплекс цел викенд.
Лидерот на Хонг Конг, Леунг Чун-јинг претходно изјави дека Владата наскоро ќе има нови консултации за изборната реформа и апелираше до граѓаните да не се придружуваат на илегалните протести. Тоа беше негово прво обраќање на демонстрантите.
Во понеделникот студентите организираа демонстрации со барање за поголема демократија и за изборни реформи.