Полицијата во Хонг Конг уапси речиси 25 демонстранти во центарот на градот, што веројатно ќе биде вовед во крајот на двомесечните протести, имајќи предвид дека главното собиралиште на активистите од изутрината е празно.
Локалните медиуми јавија дека сие уапсени потоа се пуштени од притвор.
Со овие апсења бројот на уапсените лица од почетокот на демонстрациите, пред 75 дена, достигна 900 лица.
По полициската акција во четвртокот, поголемиот дел од кампот во центарот на градот е исчистен од шатори, храна, ќебиња и уметничките инсталации на активистите.
Сообраќајот од денеска е нормализиран во финансискиот дистрикт во кој се собираа демонстрантите.
Кинеските државни медиуми денеска оценија дека движењето во Хонг Конг е поразено, предупредувајќи ги „домашните и надворешните непријателски сили да не се обидуваат да го дестабилизираат градот“.
– Поразот на „чадор револуцијата“ исто така испрати јасна порака до непријателските сили и локалните и во странство, пишува кинескиот весник „Чајна дејли“.
Демонстрантите протестираа поради ограничувањето на Пекинг за првите избори за лидер на Хонг Конг, град-држава, кој е посебен административен регион на Кина. Изборите треба да се одржат во 2017 година.