Полицијата во Хонг Конг употреби солзавец за да растера антивладини демонстранти на источната страна на полуостровот Ковлун.
Голема група демонстранти маршираа низ улиците на градот денеска барајќи отстранување на „паметните“ сијалици во квартот Ковлун, со изговор се дека содржат високо-технолошки камери и софтвер за препознавање на лице што го користат кинеските власти за надзор.
Властите во Хонг Конг велат дека „паметните“ сијалици собираат само податоци за сообраќај, временски услови и квалитет на воздухот.
Протестите во Хонг Конг, кои се еден од најголемите предизвици за кинескиот претседател Си Џипинг од моментот кога дојде на власт во 2012 година, започнаа во јуни поради спротиставување на законот за екстрадиција, кој им дозволува на осомничените да бидат судени во Кина, и каде, според демонстрантите, тие не би имале фер судење.
Во меѓувреме законот беше суспендиран, при што протестите ескалираа во поширока борба за демократија во таа поранешна британска колонија која беше вратена во кинески суверенитет во 1997 година.