Полицијата на Нов Зеланд денеска соопшти дека покренува криминалистичка истрага за смртта на туристи на вулканскиот Бел остров.
По вчерашната ерупција на вулканот потврдени се пет смртни случаи, додека осум лица се водат како исчезнати, додека нестабилните услови на островот ја отежнуваат потрагата.
На островот за време на ерупцијата имало 47 луѓе, а некои од евакуираните се здобиле со критични изгореници.
Нестабилните услови се уште ги спречуваат спасувачките екипи во потрагата по исчезнатите, а експертите утврдуваат дали е безбедно да се вратат на островот за да ги бараат.
Авионите повеќепати прелетале над островот и во ниту еден момент не биле забележани знаци на живот, изјави премиерката Џасинда Ардерн.
Расел Кларк, болничар на одделот за интензивна нега, рече дека ерупцијата изгледала како нуклеарна катастрофа во Чернобил, само што се било покриено со пепел.
Ардерн рече дека меѓу повредените има жители на Нов Зеланд, и туристи од Австралија, САД, Велика Британија, Кина и Малезија.
Новозеландската агенција за сеизмичко следење Геонет на 18 ноември го подигна нивото на предупредување за вулканот од еден на два на скала од пет, бидејќи забележа зголемување на сулфур диоксидот кој потекнува од магмата длабоко во вулканот.
Вчера по ерупцијата, нивото на тревога беше подигнато на четири, но потоа беше намалено на три, бидејќи активностите се намалија.
Ардерн изјави дека Белиот остров е многу непредвидлив вулкан и дека ќе се разговара за тоа дали туристите треба да го посетуваат, но оти сега фокусот е на луѓето погодени од последната ерупција.