Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак денеска изјави дека експлозијата и пожарот на Кримскиот мост се „конкретен израз на конфликтот меѓу руската Федерална служба за безбедност (ФСС) и приватните воени компании, од една страна и Министерството за одбрана и Генералштабот на Русија, од друга страна“.
Според него, „сведоци сме на почеток на големи негативни процеси во Русија“. „Управливоста на безбедносните сили нагло опадна, почнаа големи конфликти меѓу руските специјални служби. Сите ги бараат одговорните за воените порази и сакаат да ја реформираат најблиската околина на Путин и да заземат други позиции. Или да бидат уапсени тие или оние генерали“, вели Подољак.
Според советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, најверојатно камионот што експлодирал се качил на мостот од руска страна, „така што одговорите треба да се бараат во Русија“.
Тој смета дека „логистиката на експлозијата, синхронизацијата со конвојот со гориво и обемот на уништениот коловоз јасно укажуваат на руска патека“.
„Руската армија ги бара одговорните за поразите на фронтот и ФСС и с опствениците на приватни воени компании водат кампања за разрешување на военото раководство – министерот (Сергеј) Шојгу и началникот на Генералштабот (Валери) Герасимов“, изјави Михајло Подољак.
Извор: МИА