Почнаа прелиминарните избори за претседателски кандидат на француската левица

Од:

Во Франција почна гласањето за прелиминарните избори за претседателски кандидат во француската левица. За гласање се регистрирани 470.000 избирачи, кои ќе избираат меѓу седум кандидати, од кои неколкумина однапред одбиваат да го прифатат резултатот од гласањето, јави дописникот на МИА.

Гласањето на речиси 467.000 пријавените лица почна денеска во 10 часот, со цел да се одреди кандидатот што ќе го поддржат за претседателските избори. Во игра се поранешната министерка за правда, Кристијан Тобира, која вечерва ќе го одржи својот прв митинг и која, се чини, е фаворит на гласањето, со најава дека ќе го почитува резултатот од изјаснувањето, и тројца главни конкуренти: бунтовниот Жан-Лук Меланшон, екологот Јаник Жадо и социјалистката Ан Идалго, кои залудно бараа нивните имиња да се повлечат од гласањето.

Покрај овие четворица кандидати, гласачите имаат избор и меѓу европратеникот Пјер Ларутуру и двајца кандидати од граѓанското општество, Шарлот Маршандиз и Ана Агуеб-Портери.

Гласањето на прелиминарните избори, што се одвива онлајн, ќе биде затворено во недела во 17 часот, а резултатот ќе биде објавен околу 18:30 часот.

Гласањето ќе се одвива во еден круг, со „мнозинска проценка“, односно гласачите мора да ги оценат и рангираат кандидатите со одговор на прашањето: „За да победи екологијата и социјалната правда на претседателските избори, верувам дека секој од овие личности би биле…“ Пријавените мора на секој кандидат да му дадат оценка од „многу добро“ до „недоволно“.

Но, за да ја добие ниоминацијата и поддршката од народот на прелиминарните избори победникот мора да се обврзе дека „во својата програма ќе го вклучи барем духот на Заедничката основа (програмска основа подготвена минатата година) и „да го фаворизира обединувањето со останатите кандидати“. Доколку ова не успее, прелиминарните избори нема да поддржат никој од кандидатите.

Постои надеж дека овие избори на кандидатите на левицата ќе им дадат нов елан, бидејќи сега поединечно имаат популарност помала од десет отсто кај гласачите, далеку зад кандидатите на десницата и крајната десница и се уште неофицијалниот кандидат Емануел Макрон.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата