Рускиот космонаут Валериј Пољаков, кој постави рекорд за најдолг престој во вселената – 437 дена, почина на 80-годишна возраст, соопшти вселенската агенција Роскосмос.
Пољаков беше „херој“ на Советскиот Сојуз и Русија, се вели во соопштението на Роскосмос.
Овој руски лекар и космонаут е роден во Тула на 27 април 1942 година. Како лекар, тој работел во Московскиот институт за биомедицински проблеми, водечката советска институција за вселенска медицина.
Тој се приклучи на советската вселенска програма во раните 70-ти. Како космонаут, тој летал до вселенската станица Мир во два наврати во осумдесеттите и деведесеттите.
За време на вселенската мисија Сојуз ТМ-18 од 1994 до 1995 година, во вселената помина вкупно 437 дена, 17 часа и 58 минути. Тој сè уште го држи светскиот рекорд за најдолг престој во вселената.
Во текот на својата кариера, Пољаков поминал вкупно повеќе од 678 дена на вселенската станица, правејќи медицински експерименти таму и собирајќи податоци за влијанието на долгорочниот вселенски лет врз човечкото тело.
Меѓутоа, за разлика од повеќето негови колеги, тој никогаш не излегол надвор од станицата за вселенска прошетка.
Тој напиша повеќе од 50 научни трудови за вселенска медицина. Ги остави сопругата и ќерката со двајца внуци.