Генерал Мануел Антонио Нориега, поранешен воен лидер на Панама, почина на 83-годишна возраст.
Нориега неодамна беше подложен на операција поради здравствени проблеми предизвикани од претходна операција на мозокот.
Нориега беше клучен американски сојузник, но беше насилно протеран од земјата откако во 1989 година американски трупи извршија инвазија во Панама.
Подоцна беше во затвор во САД поради обвиненија за шверц на дрога и перење пари. Нориега беше обвинет и во Франција и во Панама поради убиства, корупција и проневера на пари.
Во јануари во Панама беше пуштен од затвор поради операција на мозокот.
Веста за неговата смрт ја соопшти државниот секретар за комуникации Мануел Домингез.
Иако никогаш не беше избран за член на Владата, Нориега беше де факто лидер на Панама, служејќи како воен гувернер во 80-те години од минатиот век. Беше силен сојузник на САД во напорите за борба против влијанието на комунистичките движења во Централна Америка.
Во 1988 година од американски суд беше обвинет за шверц на дрога и откако САД го обвинија за кражба на изборите во октомври 1989 година, претседателот Џорџ Буш нареди инвазија.
Нориега беше бегалец во ватиканската дипломатска мисија во Панама Сити. Оттаму беше истеран од американски трупи кои постојано пуштаа гласна поп и хеви метал музика. На 3 јануари 1990 година Нориега беше однесен во САД каде се соочи со обвиненија за шверц на дрога, перење пари и ректирање каде во затвор беше 17 години.