Во Пакистан од денеска почнува тридневна жалост за 141 жртва од нападот на талибанци во воено школо во Пешавар, од кои 132 се деца и деветмина се возрасни.
Властите подготвуваат масовен погреб на настраданите кои вчера беа убиени од припадници на Техрек-е-талибан во знак на одмазда поради воената кампања на властите против терористите.
Целата држава е во шок поради најсмртоносниот терористички напад извршен во таа држава, јавуваат западни медиуми.
Масакрот почна вчера утрото откако седуммина екстремисти од таа терористичка организација упаднаа во училиштето и почнаа да пукаат во децата одејќи од училница во училница. Хоророт во школото траеше осум часа колку и судирот на талибанците во училиштето со припадниците на пакистанските сили за безбедност. Нападот предизвика осуди од лидери на држави во светот.