Во бомбардирањето на израелските авиони во градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, рано изутринава загинаа 19 Палестинци, со што бројот на загинати Палестинци се искачи на 101 откако вчера беше киднапиран израелски војник.
Израелските авиони извршија три смртоносни напади во Рафа, каде израелскиот војник најверојатно бил киднапиран, соопшти претставник на локалната служба Ацџраф ал-Кодра.
Во меѓувреме, шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу вети дека официјална Анкара ќе стори се можно за да биде ослободен киднапираниот Израелец.
– Она што е важно е да се обнови прекинот на огнот. За да го гарантираме тоа треба да ги преземеме сите чекори за да се помогне да се реши проблемот со киднапираниот војник. Ако Турција може да направи нешто, ќе сториме се што е во наша моќ, рече Давутоглу.
– Но ако прекинот на огнот се запира заради киднапирањето на еден војник, некој ќе треба да одговара и за потоа убиените десетици Палестинци. Во нашите очи сите луѓе се еднакви, рече турскиот министер.
Претходно, државниот секретар на САД Џон Кери ги повика Турција и Катар да го искористат влијанието за ослободување на израелскиот војник.
Вооруженото крило на Хамас „Бригадите на Изедин ал Касам“ нема информации за израелскиот војник за кој се тврди дека исчезнал, се наведува во соопштението на оваа организација објавено во текот на ноќта.
„Бригадите Изедин ал Касам“ не располагаат со информации за тој војник. Го изгубивме контактот со една од нашите борбени групи, кои беа во тој сектор и е можно, како нашите борци, така и тој војник, да се убиени, се наведува во соопштението.
Во официјалната реакција уште се наведува дека судирите во Рафа се случиле во 7 часот по локално време, што е еден час пред влегувањето во сила на хуманитарното примирје.
Според израелската армија, војниците кои учествувале во разурнување на тунел на Хамас кај Рафа биле цел на „терористички напад“ во 9.30, кога примирјето веќе било во сила.