Јужноафриканскиот атлетичар и параолимпиец Оскар Писториус, кој е обвинет за убиство на својата девојка, учествувал во инцидент во еден ноќен клуб во Јоханесбург што започнал со бучна расправија, а завршил со меѓусебно кошкање.
Писториус во еден момент бил силно турнат по што паднал. Интервенирало обезбедувањето на клубот кое му помогнало на атлетичарот да се подигне, но тие побарале од него да го напушти локалот.
Според јужноафриканските медиуми, кои на овој инцидент му даваат голем публицитет, расправијата започнала околу неговото судење за убиството на јужноафриканската манекенка и фото модел Рева Стенкамп, која три месеци му беше девојка на Писториус пред да биде убиена во куќата на атлетичарот во Преторија.
Локалниот бизнисмен изјави пред новинарите дека Писториус бил пијан и дека тој ја започнал расправијата. Претставник на семејството на атлетичарот меѓутоа тврди дека вината за инцидентот е кај бизнисменот кој почнал да го навредува Писториус околу судењето што трае од почетокот на март годинава.
Јужноафриканскиот бизнисмен тврди дека познатиот атлетичар почнал да ги навредува неговите пријатели, како и семејството на претседателот Џејкоб Зума.
Претставникот на Писториус ги отфрла таквите тврдења, но инцидентот може само да му наштети на обвинетиот атлетичар кој очекува на 7 август да продолжи и да заврши неколку месечното судење. Во текот на судскиот процес, некои од сведоците тврдеа дека тој важи за „лесно избувлив човек“ откривајќи дека порано имало такви инциденти по ноќните клубови во Јоханесбург.
Тој е обвинет дека на 14 февруари 2013 година, намерно пукал во својата девојка по една „бурна расправија“ ,но Писториус и неговите адвокати тврдат дека пукал по грешка, низ вратата на бањата во неговата куќа, верувајќи дека таму се крие некој провалник.
Доколку биде прогласен за виновен, Оскар Писториус би можел да биде осуден на доживотен затвор.