Поранешниот чешки премиер Петр Нечас денеска во суд негираше дека во 2012 година Воената разузнавачка служба ја следела неговата тогашна сопруга Радка Нечасова.
Сведочењето на Нечас беше на затворена седница, без присуство на јавност, а претходно поранешниот премиер пред полицијата одбиваше да даде изјава.
Главна обвинета во случајот со наводната злоупотреба на Воената разузнавачка служба е неговата сегашна сопруга Јана Нечасова, претходно Нагиова, која за време на неговиот мандат беше негов советник и шеф на кабинетот.
– Не можам за тоа да зборувам, но ја кажав вистината. Повторив само дека според моето најдлабоко уверување не дојде до никаква незаконита активност, изјави Нечас пред новинарите.
Според претходната изјава на поранешниот шеф на Военото разузнавање Ондреј Паленик, тогашната сопруга на Нечас била следена по наредба на Нагиова, што се смета за незаконски.
Наредба за следење според чешките норми носи Владата.
Според Јавниот обвинител, изјавата на Нечас е подготвена со цел да се ослободи од вина неговата сегашна сопруга и другите обвинети.
Според обвинението, Нагиова во 2012 година наредила следење на тогашната сопруга на премиерот, а обвинети се и двајцата последователни шефови на Воената служба за разузнавање, за што им се заканува петгодишна затворска казна за ненадлежност и злоупотреба на службената должност.
Откривањето на аферата за корупција и незаконско прислушување на најблиските соработници на Нечас во јуни 2013 година резултираше со негова оставка, пад на Владата, распуштање на Собранието и распишување на вонредни парламентарни избори.