Петр Фиала, денеска по две години ја „одбрани” претседателската функција на Граѓанската демократска партија, со освоена поддршка од 90 проценти од делегатите, јави дописникот на МИА од Прага.
Како единствен кандидат, Фиала побара силен мандат за да ја поведе партијата на есенските регионални и сенатски избори, како и на парламентарните избори идната година.
– Грешки не прави единствено некој кој нема историја и кој ништо не работел. Ние имаме транспарентна сметка и транспарентна приказна, рече пред партиските колеги Фиала, додавајќи дека партијата во последните две години ја надминала најголемата криза во безмалку 25-годишната историја на постоење.
Тој предупреди дека иднината на Чешка е загрозена од социјалистичките и популистичките рецепти на актуелната Влада.