Најмалку 15 лица загинаа во напад на исламистите од Боко харам во нигерискиот град Мајдугури.
Ова е прв напад на Боко харам изминатите месеци врз Мајдугури, кој е главен град на провинцијата Борно.
Во нападот врз предградие на Мајдугури екстремистите отвориле оган од задниот дел на три пикап возила. Додека силите на армијата се бореле против нив, две бомбашки самоубијци се кренале во воздух во предградие на градот.
Во населеното место Дувари, предградие на Мајдугури загинале локален лидер и неговите десет деца.
Областа е во близина на воената база „Гива“, која била цел на неколку напади на екстремисти. Во јануари 2014 година Боко харам ја нападна базата и ослободи стотици уапсени лица. Организациите за заштита на човековите права ја обвинуваа армијата дека убила илјадници лица приведени во базата.
Нападот беше извршен откако нигериската Влада објави дека воспоставила контрола врз исламистички бунт, во кој загинале над 20 илјади лица во период од шест месеци.