Провинцискиот суд во Патам во јужниот дел на Тајланд во средата им изрекол смртни казни на петмина муслимани, обвинети за убиство на четворица војници во јули минатата година. Веста денеска ја пренесе тиражниот „Тај Рат“ кој пишува дека никој од официјалните претставници на судот не сакал да ја коментира пресудата.
Осудените се дел од бунтовничкото движење за автономија и отцепување на три тајландски провинции што се на границата со Малезија. Во нив живее претежно муслиманско население, а во над 100-годишниот период од нивната анексија од страна на Тајланд во судири со армијата, како и во честите меѓуетнички вооружени пресметки загинале илјадници лица, на двете страни.
Според Амнести интернешенел, на смртна казна во Тајланд во последниве 10 години се осудени 623 лица, од кои 51 жена. Најголем дел од осудените биле обвинети за криумчарење дрога.
Последната егзекуција на осудените на смрт во Тајланд е извршена во 2012 година, Повеќе пати во Парламентот на државата беше покренувана иницијатива за укинување на најтешката казна, но до сега без ефект.