Израелците утре ќе избираат нов Парламент со 120 членови и ќе „пресудат“ за натамошниот политички ангажман на сегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се кандидира за свој петти мандат и покрај обвинувањата за корупција.
Најголем проблем на кампањата на владејачката партија Ликуд (Обединување) е токму вмешаноста на Нетанјаху во три корупциски случаи, што им отвора пат на „Сината и белата партија“, која ја предводат поранешниот командант Бени Ганц и поранешниот министер за финансии Јаир Лапид. Петиот мандат ќе го направи Нетанјаху најдолговечниот израелски премиер.
Помалите партии би можеле или да имаат пресудна улога или воопшто да не влезат во израелскиот парламент Кнесет, доколку не го преминат цензусот, односно не освојат барем 3,25 отсто од гласовите.
Меѓу овие партии се наоѓаат Зехут (Идентитет), либертаријанска ционистичка партија чија популарност значително се зголеми откако побара легализација на марихуаната, Кулани (Сите ние), центристичка партија која се фокусира на економски прашања, како на пример животните трошоци, и Јисраел Бејтену (Израел наш дом), оригинално партија на руски доселеници во Израел, која се залага за „решавање на две држави“ со палестинската територија.
Израелците не бираат директно претседател на владата, ниту членови на Парламентот, туку пратеничките мандати се доделуваат според процентите на освоени гласови, а партијата мора да освои најмалку четири места во Кнесетот.
Ниту една партија во историјата на Израел нема самостојно освоено мнозинство, туку сите влади биле коалициски.
Актуелната коалиција на Нетанјаху има минимално мнозинство со 61 пратеник од пет партии.
Конечните резултати од изборите се објавуваат два дена по гласањето, а една недела подоцна претседателот Рувен Ривлин ја задолжува една од партиите да формира коалиција, прво консултирајќи ги сите партии кои се избориле за влез во Парламентот.
Тоа значи дека формирањето влада не и се дава автоматски на партијата која освоила најмногу гласови, туку на онаа која ќе се покаже најспособна да состави владејачка коалиција со најмалку 61 пратеник.
Мандаторот кој Ривлин ќе го одреди за состав на коалиција има рок од 42 дена. Доколку не успее, шефот на државата може да им даде шанса уште на две партии пред да се распушти Кнесетот и да се распишат нови избори. гт/