Во Чешка денеска и утре се одржуваат парламентарни избори, на кои се очекува осум партии да влезат во Долниот дом на Парламентот.
Партија на АНО (Акција на незадоволни граѓани 2011), на 63-годишниот милијардер Андреј Бабиш, медиумски магнат и поранешен министер за финансии, кој вети бескомпромисна борба против корупцијата, е фаворит за победа на изборите. Тој дебитираше во чешката политика пред четири години, кога на изненадување на аналитичарите, освоија второ место на претходните парламентарни избори, по што станаа дел од владејачката коалиција. Медиумите го нарекуваат „чешки Доналд Трамп“.
Анкетите покажуваат дека најверојатно тој е следниот премиер на Чешка, иако против него е покренато обвинение за измама со евросубвенции и е обвинуван дека соработувал со тајната полиција за време на комунизмот.
АНО, слично на повеќето чешки партии, силно се противи на механизмот на ЕУ, според кој со квоти се прераспределуваат бегалците, а нејзиниот лидер е критички расположен кон Унијата и е против определување датум за профаќање на еврото.
Најрадикален претендент е анти-имигрантската партија Слобода и директна демократија (СПД) на Томио Окамура, кој вели дека исламот е „идеологија на омраза”, се спротивставува на барањето на НАТО земјите-членки да потрошат два проценти на одбраната од бруто домашниот производ и бара референдум за ревизија на членството на Чешка во ЕУ. Според социолозите, СПД може да освои околу девет отсто од гласовите.
Чешката Социјалдемократска партија, водечка политичка сила во актуелната Влада, ја изгуби поддршката за својот непопуларен лидер, Бохуслав Соботка, кој неодамна изјави дека е подготвен да формира владина коалиција со комунистите.
Комунистичката партија на Чешка и Моравија одржува пријателски односи со владејачките комунисти на Куба, Кина и Северна Кореја и се очекува да добие повеќе од 10 отсто од гласовите.
Конзервативната Граѓански демократска партија, која претходно беше најголемата политичка сила, се уште не може да закрепне од скандалите што доведоа до крајот на нејзиното владеење во 2013 година и веројатно нема да освои повеќе од 10 отсто.
Либералната Пиратска партија, која го поддржува членството во ЕУ и НАТО и е популарна меѓу младите гласачи, има шанса првпат да освои пратенички места. Неодамнешните социолошки истражувања покажуваат дека имаат поддршка од шест проценти или повеќе.