Судски извршител и изрече парична казна на Канцеларијата на чешкиот претседател Милош Земан во износ од 100.000 круни (3.700 евра) за непочитување на судска одлука во случајот со новинарот Фердинанд Пероутка.
Доколку таа не биде почитувана може да дојде до блокирање на сметката која се користи за потребите на шефот на државата и неговиот Кабинет, информираше адвокатот на засегнатата страна во случајот „Пероутка“, Франтишек Вискочил.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, внуката на Пероутка, Тереза Касл со судска одлука доби признание дека има право да добие извинување од Земан затоа што го обвини нејзиниот дедо, познат новинар Пероутка дека го напишал текстот „Хитлер е џентлмен“ и дека во минатото изјавил „ако не можеме да пееме со ангелите, мораме да виеме со волците“ , што подоцна се покажа за неточно.
Според Вискочил, извршителот во образложението напишал дека не може да се занемари фактот дека оној што се мешал во личната сфера на поднесувачот на жалбата е државата, која и самата признава заштита во оваа сфера. Извршителот побарал да биде почитувана одлуката од надлежниот суд.
Пероутка (1895- 1978) е еден од најценетите чешки писатели и публицисти, кој бил сметан за претставник на предвоеното демократско новинарство.