Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско пристигнува денеска во посета на Јордан, кој е првата дестинација во рамки на неговата турнеја низ Блискиот Исток, која има за цел да ги зајакне врските меѓу мислиманите и евреите и да придонесе за надминување на несогласувањата во самото христијанство.
Ватикан ова прво патување на папата на Блискиот Исток го означи како „аџилак за молитва“, најавувајќи дека тој нема да се вози во блиндирани лимузини, туки во возила без покрив и покрај загриженоста за неговата безбедност.
Израелските власти презедоа мерки за намалување на опасноста од нарушување на посетата, издавајќи наредба за ограничување на движењето на 15 еврејски десничарки активисти, наредувајќи им да се држат подалеку од местата, кои ќе ги посети папата.
– Тоа ќе биде чисто религиозно патување, најави папата пред околу 50 илјади аџии во своето обраќање на плоштадот Свети Петар во пресрет на тридневната посета на Јордан, Западниот Брег и Израел.
Тој истакна дека главна причина за неговото патување е состанокот со вселенскиот патријарх Вартоломеј Први.
Папата ќе учествува во специјална заедничка молитва со Вартоломеј утре во Црквата на Светиот гроб во Ерусалим, изградена на местото, на кое Исус Христос е распнат, погребан и каде воскреснал.
Тој ќе се состане со муслимански и еврејски лидери во Ерусалим, а за време на целата посета го придружуваат еден рабин и еден имам, негови пријатели од Аргентина.