Папата Бенедикт Шеснаесетти, три дена пред да ја напушти функцијата, денеска ја прифати оставката на кардиналот Кит О’Брајан и ги измени прописите за конклавата, на која треба да биде избран новиот папа.
Папата ја прифати оставката на највисокиот католички свештеник во Велика Британија, кардиналот О’Брајан, по обвинувањата за несоодветното однесување на кардиналот кон другите свештеници.
О’Брајан, кој поднесе оставка на местото на надбискуп на Сент Ендруз и Единбург, рече дека нема да присуствува на конклавата во Ватикан за избор на наследник на папата Бенедикт.
Кардиналот ги негираше сите обвиненија.
Папата ја измени и правната регулатива на Римокатоличката црква за конклавата, на која треба да биде избран неговиот наследник, а со тие измени конклавата може да почне и порано, соопшти Ватикан.
Кардиналите повеќе нема да мораат да чекаат 15 дена откако папската Столица ќе остане испразнета на 28 февруари.
Конклавата може сега да почне и пред 15 март, се наведува во соопштението на Ватикан.
Датумот на почетокот на конклавата е важен, откако светата недела почнува на 24 март, а денот на католичниот Велигден е во недела, на 31 март.
За да биде устоличен новиот папа за најсвечениот црковен литургиски период треба да биде поставен до 17 март, што би било малку време ако конклавата почне на 15 март.
Ватикан соопшти дека и извештајот во врска со папските документи кои „истекоа“ преку батлерот на папата минатата година ќе останат доверливи и дека само ќе му бидат покажани на новиот папа.
До заминувањето на папата Бенедикт Шеснаесетти останаа уште четири дена.
Папата ќе ја напушти Столицата во четврток, 28 февруари во 17 часот, а престолот ќе остане испразнет од тој ден во 20 часот.