Папата Франциско ја отслужи традиционалната миса на Велики четврток со миење на нозете на дванаесет млади затвореници во малолетничкиот затвор во Рим.
Папата минатата недела беше примен во болница поради бронхитис, а попладнево го посети затворот Казал дел Мармо, на северот на италијанската престолнина, каде што во 2013 година, по изборите за папа, им ги изми нозете на затворениците.
Папата расположен и потпрен на бастун им пришол на секој од 12-те млади затвореници, меѓу кои имало и две девојки, да им ги измие нозете, а потоа се наведнал и им ги бакнал стапалата.
Некои му ја бакнуваа раката за возврат, а други разменија неколку зборови со него.
На Велики четврток, Католичката црква се сеќава на денот кога Христос им ги изми нозете на апостолите и ја воведе Евхаристијата на Тајната вечера. Обредот останал во христијанството, освен во некои гранки на протестантизмот.