Папата Франциск – скромниот и едноставен језуит од Буенос Аирес

Од:

Изборот на Аргентинецот од италијанско потекло Хорхе Марио Бергољо, за новиот 266-ти поглавар на Римокатоличката црква, претставува изненадувачко решение на конклавата во Систинската капела во Ватикан, на која учествуваа 117 кардинали од целиот свет.

Прво затоа што тој не беше меѓу фаворитите за наследник на Бенедикт 16 кој минатиот месец поднесе оставка, потоа,затоа што е првиот верски поглавар на 1,2 милијарди католици кој доаѓа од Латинска Америка и првиот папа кој не е од Европа, по безмалку илјада години. Конечно новиот папа Франциск е првиот јзуит на чело на Ватикан.

Роден е во 1936 година во Буенос Аирес. Од 1969 година му припаѓа на редот на језуитите, а потоа е испратен на школување во Аргентина и во Германија, каде докторира. Ректор е на филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигуел. Бискуп е од 1992, а кардинал од 1998 година.

Во 2005 година беше гледан како еден од можните претенденти за папа, но по повлекувањето на Бенедикт Шестнаесетти на него не типуваа ниту во неговата родна Аргентина, најмногу поради неговата возраст.

Оние кои го познаваат од Аргентина, како и од времето кога престојува во Ватикан, велат дека неговите основни карактерни црти ги определуваат скромноста и едноставноста. Низ Буенос Аирес и низ Рим патува со метро или со градски автобус. Кога треба од Аргентина да допатува во Рим редовно лета со економска, а не со прва класа, како што тоа го прават повеќето кардинали. Живее во мал стан, сопственост на надбискупијата во аргентинскиот главен град, веднаш до тамошната главна катедрала.

Таквото однесување се објаснува со неговата припадност кон језуитите, посебен ред во Католичката црква, формиран уште во 16 век. Редот е создаден како мисионерски, откако неговите следбеници се заколнале на скромност, невиност и покорност. Во еден период језуитите станале толку моќни, што пред крајот од 18 век биле прогонувани, за да подцна одново бидат рехабилитирани.

Токму приврзаноста на редот на језуитите го објаснува решението на кардиналот Бергољо, како папа да го носи името Франциск, по Свети Франциск од Асизи, светец заштитник на сиромашните. Она што го нема во службената биографија е сомнежот, што постои во Аргентина за неговите врски со воената хунта и диктатурата во периодот меѓу 1976 и 1983 година. Но во немирите по економскиот колапс на Аргентина во 2001 година тој остро ја осудуваше бруталноста на полицијата кон гневните граѓани и придонесе за падот на тогашниот претседател Фернандо де ла Руа.

Во Ватикан, новиот папа се смета за језуитски интелектуалец, кој како и неговиот претходник, папата Бенедикт, теолошки гледано, важи за ортодоксен, а социјално за конзервативен црковен високодостојник. Подготвен е да преземе мерки за рехабилитација на Католичката црква меѓу верниците и воопшто во светот, но без драматични потези.

Во Аргентина тој е познат како бранител на сиромашните, како и на семејството, како столб во општеството, но остро се противеше на одлуката на Владата во Буенос Аирес за донесување закон за хомосексуални бракови.

Ваквото портрерирање на Франциск го прави неговиот избор очекуван и предвидлив, затоа што тој е избран од конклава која ги споделува традиционалните и конезрвативни погледи на претхдниот папа, силен заговорник на ортодоксноста на црквата. Тешко можеше и да се очекува поинаков избор, кога се знае дека сите 117 кардинали кои гласаа за нов папа, се избрани на таа функција од Бенедикт и неговиот претходник,покојниот Јован Павле Втори. Во таквата конклава невозможно е да поминат милениците во САД, кардиналите на Њу Јорк и на Бостон, како и италијанскиот фаворит Анџело Скола.

Како и да е новиот папа ја превзема командата со црквата во тешко време за католицизмот, кое на Западот ја губи подлогата, се помалку млади се определуваат за свештеничкиот повик, а врз црквата либералните кругови во општеството притискаат за порадикални реформи.

Папата Бенедикт одбиваше дебати за целибатот, за евтаназијата, абортусот и хомосексуланоста, па тие прашања и натаму ќе се поставуваат пред Католичката црква, заедно со „распуштеноста“ во Ватикан, финансиските скандали и педофилијата кај дел од свештениците. Впечаток е дека како и да се развиваат работите во Светиот стол и пошироко во црквата, папата Франциск, е тој од кого би требало да се очекува да се бори за подигнување на забраната за абортусот, за геј браковите и за жените бискупи. Неговата прва порака беше за враќање на црквата кон корените на католичката вера.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Сталоне во Ватикан, разменија боксови со папата: Ги гледав твоите филмови

Предраг Петровиќ

Папата го прими актерот Силвестер Сталоне и неговото семејство во Ватикан

Обвинителот на Ватикан откри дека има нови индиции за мистериозното исчезнување на Емануела Орланди

Гол маж се качи на олтарот во базиликата Свети Петар

Ана Ололовска

Влезе со автомобил низ портите на Ватикан: Се упати кон дворот на палатата, полицијата пукаше

Папата Франциско: Подготвен сум да ја посетам Украина, но само ако можам да одам и во Москва

Ана Ололовска