„Папата Франциск ме потсетува на Вацлав Хавел“

Од:

Според чешкиот кардинал Доминик Дука, при изборот на Хорхе Марио Бергољо за нов папа, пресуден бил очигледниот факт, дека католичката црква веќе одамна не е европска туку светска институција, јави дописникот на МИА од Прага.

Дука, во интервју за чешкиот портал Актуалње.цз открива дека поглаварот на Римокатоличката црква Франциск бил избран со апсолутно мнозинство гласови од присутните кардинали.

– Франциск е многу непосреден и има голема смисла за хумор. Со непосредноста, едноставноста, а понекогаш и срамежливоста на моменти ме потсетува на Вацлав Хавел. Но, ова не значи дека тој е неодлучен и има нејасни ставови. Едноставно, Франциск е ист како Хавел, многу љубезен човек, но кога е неопходно ќе видите дека неговиот карактер е од гранит.

Од своите принципи не отстапува, вели Дука за новиот папа, споредувајќи го со водачот на чешката ,,Кадифена револуција”, драмски писател, прв слободно избран претседател на Чехословачка и прв претседател на самостојна Чешка, кој почина во декември 2011 година.

Според мислењето на Дука, новиот поглавар на Римокатоличката црква ќе донесе промени пред се во поедноставувањето на црковната церемонија, за да биде поразбирлива главно за младата генерација.

– Кога Франциск за прв пат настапи пред насобраните луѓе, побара од нас кардиналите заедно со него да се појавиме на балконот, што се случи за прв пат и за мене тоа беше како сон, вели Дука.

Тој смета дека новиот папа ќе се посвети на социјалните проблеми на луѓето и пред се на проблемите на младите, кои се иднината на планетата, а кои се соочуваат со невработеноста, а во одредени земји и голема неписменост.

За чешките црковни претставници и теолози, изборот на Бергољо за нов папа бил изненадување и сите се надеваат дека неговото потекло, кое не е од најбогатиот дел на светот ќе даде акцент на социјалната област.

– Сигурно ќе има поголемо чувство за земјите во развој. Можеби ќе почнеме во црквите во Европа да се занимаваме со повеќе сериозни проблеми и ќе ги отвориме очите за тоа што е важно во светски рамки, смета архиепископот Јан Граубнер.

И историчарот Томаш Петрачек смета дека искуството на католичките цркви во Латинска Америка е поинакво отколку во Европа и ангажираноста на црквата во полза на сиромашните земји е поизразена.

– Во Латинска Америка верата е во поголема мерка дел од секојдневниот живот на човекот, за што новиот папа исто така можеби би се залагал, додава Петрачек.

Според плзењскиот епископ Франтишек Радковски необично е што новиот папа го избрал името Франциск, но тоа според него може и да носи порака за „нова евангелизација” во светот, особено во големите држави како Индија и Кина.

Чешкиот кардинал Доминик Дука и претседателот Милош Земан веќе упатија и покана до новиот папа за посета на Чешка на прославата на 1.150 годишнината од доаѓањето на словенските просветители Кирил и Методиј во Велика Моравија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Сталоне во Ватикан, разменија боксови со папата: Ги гледав твоите филмови

Предраг Петровиќ

Папата го прими актерот Силвестер Сталоне и неговото семејство во Ватикан

Обвинителот на Ватикан откри дека има нови индиции за мистериозното исчезнување на Емануела Орланди

Гол маж се качи на олтарот во базиликата Свети Петар

Ана Ололовска

Влезе со автомобил низ портите на Ватикан: Се упати кон дворот на палатата, полицијата пукаше

Папата Франциско: Подготвен сум да ја посетам Украина, но само ако можам да одам и во Москва

Ана Ололовска