Украинско-киевскиот патријарх Филарет негативно го оцени тоа што папата Франческо на првата вечера не замина со лимузина, туку со автобус.
Православниот патријарх на неканонската Украинска црква изјави дека новиот поглавар на Римокатоличката црква е лажно скромен.
-Не се за пофалба тие постапки. Скромен треба да се биде пред Господ, а не пред луѓето – изјави Филарет.
Објаснувајќи го гестот на папата, украинскиот патријарх го цитираше евангелието кое порачува дека скромен треба да се биде од внатре, а не од надвор.
Запрашан зошто сам се вози со мерцедес, патријархот одговори дека тоа му овозможува подобро да си ги извршува своите обврски.
-Доколку се возам со рускиот автомобил, нема да можам да посетам толку епархии, колку што посетувам – изјави тој.
Филарет додаде дека некогаш се возел во скромното волго, но престанал.
-Работодавците ме прашаа зошто се возам со таков автомобил и ми поклонија мерцедес – изјави патријархот чие возило вреди околу 200.000 евра.
Елена Георгиевска