Италијанскиот весник „Messaggero“ пренесе дека е зголемена безбедноста на плоштадот Свети Петар, откако странски разузнавачки служби откриле порака за можен напад на Ватикан.
Имено странска разузнавачка служба ја предупреди Италија дека оваа недела регистрирала разговор помеѓу двајца соговорници на арапски јазик, во кој се споменува „демонстративен чин во среда во Ватикан“, пишува во „Messaggero“.
Инаку во среда поглаварот на Римокатолочката црква папа Франсис, држи говор и миса на плоштадот Свети Петар, пред базиликата. Според весникот италијанската антитерористичка служба потврдила дека еден од соговорниците, претстојувал во Италија пред осум месеци. Ватикан ги засили мерките за безбедност, без оглед што ја отфрла можноста од исламистички напад на папа Франсис, кој во недела ќе отпатува во посета на Албанија.
Е. Г.