Пандемијата на коронавирусот се заканува целосно да ја запре борбата на мексиканските власти против најопасните нарко-картели, откако голем број полицајци и службеници се заразиле.
Моќниот картел Халиско и неговите ривали ги користат ослабените безбедносни сили за да ја интензивираат борбата за контрола врз трговијата со дрога во Мексико, велат безбедносни службеници и аналитичари.
Од друга страна, армијата исто така е вклучена во борбата против коронавирусот, а касарните се претворени во клиники за лекување на Ковид-19.
Полицајците кои се со прекумерна тежина или имаат некои претходни заболувања се отстранети од улиците во одредени области, затоа што се смета дека се изложени на поголем ризик од заразување, информираат мексиканските власти.
Според властите на мексиканската држава Гереро, каде што се активни околу 40 вооружени групи, полициските сили се сериозно оштетени од пандемијата.
Тие додаваат дека, кога еден полицаец ќе се разболи, во просек уште четворица треба да одат во изолација на две недели и истакнуваат дека некои полицајци кажуваат и сомнителни изговори за да избегнат работа.
Со повеќе од 19.000 смртни случаи, Мексико е на седмото место во светот по бројот на починати од Ковид-19.
Во земјата се регистрирани вкупно 159.793 случаи на заразени со коронавирус, покажуваат податоци на Ворлдметерс.