На панамскиот претседател Лаурентино Кортизо му бил дијагностициран миелодиспластичен синдром, по што тој кажа дека ќе побара и второ мислење, јавија британските медиуми.
Миелодиспластичниот синдром е ретка болест на крвта која се смета за еден вид на рак што влијае врз способноста на телото да произведува здрави крвни клетки во коскената срцевина, наведува Американското здружение за рак.
Кортизо кажа дека лекарите му соопштиле дека болеста му е со среден ризик, но тој се чувствува добро, расположен е и ќе продолжи да ја извршува функцијата претседател.
Претседателот појасни дека дијагнозата му била поставена на 16 јуни по профилактичка анализа на крвта, а по добиените резултати лекарите препорачале биопсија на коскената срцевина.
Кортизо ќе добие второ мислење од експерти во Хјустон, Тексас, откако ќе го одржи својот годишен говор за состојбата на земјата пред панамскиот Парламент на 1 јули.
И покрај дијагнозата, лекарите велат дека општата состојба на 69-годишниот претседател е „одлична“.
Извор: МИА