Палестинските власти вчера соопштија дека му се приклучиле на Меѓународниот кривичен суд (МКС), со цел да го тужат Израел за воени злосторства.
Ваквиот потег на Палестинците следи откако во Советот за безбедност на ОН беше одбиена палестинската резолуција со која се бара израелско повлекување во рок од три години.
– Ние сакаме да се жалиме. Постои агресија против нас, против нашата земја. Советот за безбедност не разочара, истакна палестинскиот претседател Махмуд Абас на состанокот со палестинското раководство во Рамала.
Тој и претходно се закани дека ќе му се придружи на МКС доколку резолуцијата не биде усвоена.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа најави дека неговата земја ќе преземе „одмазднички чекори“, но не соопшти детали.
– Оној кој треба да се плаши од МКС е Палестинската управа, која има Влада на единство со Хамас, терористичка организација како и Исламска држава, која извршува воени злосторства, нагласи Натанјаху.
Портпаролот на Стејт департментот, Едгар Васкез изјави дека САД остро се спротивставуваат на ваквиот потег и предупреди дека тој е „контрапродуктивен и нема воопшто да придонесе за остварување на аспирациите на палестинскиот народ за суверена и независна држава“.