Пакистанскиот суд во Синд одлучи, поранешниот претседател Первез Мушараф да биде тргнат од листата на лица на кои им е забрането да го напуштат Пакистан.
Мушараф засега не смее да патува надвор од земјата, а Владата во Исламабад има рок од 15 денови за да се жали на судското решение.
Поранешниот претседател и некогашен генерал на пакистанската армија е обвинет за велепредавство и во тек е судење, за кое тој и неговите адвокати тврдат дека е без основа и политички мотивирано.
Врвот на пакистанската армија, која од секогаш била важен фактор во домашната политика, не се согласува со судскиот процес против некогашниот началник на Генералштабот на војската,означувајќи го како „контроверзен“ и како „преседан“ што би можел да повлече судење на сите вклучени во низа воени удари во земјата.
Мушарав сега се наоѓа во домашен притвор, откако на почетокот на годината помина извесен период во болница, поради проблеми со срцето. Во април, Министерството за правда го одби првото барање, да му се дозволи да отпатува во странство.
Первез Мушараф ја презеде власта со воен удар во 1999 година, соборувајќи го тогашниот премиер Наваз Шариф кој и сега е пакистански премиер.
Во 2001 година, Мушараф стана претседател на земјата,но замина од Пакистан во 2008 година, по поразот на изборите и се насели во Велика Британија.
Во 2013 година, тој одлучи да се врати од самоопределеното бегалство и да се вклучи во пакистанаката политика, но му беше забрането да учествува на изборите, а подоцна беше и уапсен. Таа година, Шариф по трет пат беше избран за премиер на земјата, а Мушараф се соочи со низа обвинувања, меѓу кои и дека бил дел од заговорот за атентатот на поранешната премиерка Бенизар Али Буто.