Пакистанскиот политичар Имран Кан, кој во Исламабад ги предводи антивладините протести, повика илјадници демонстранти на граѓанска непослушност, а истовремено Суфитскиот проповедник Мохамед Тахир Ул Кадри изјави дека само револуција може да донесе промени во Пакистан.
-Постои само еден начин да се решиме од оваа влада, а тоа е да започнеме кампања за граѓанска непослушност- рече Кан, обраќајќи им се на демонстрантите.
Како што пренесе „Франс прес“ тој ги повика граѓаните да престанат да ги плаќаат сметките и даноците на моменталната влада и го обвини премиерот Наваз Шариф за грабеж на државниот имот, во интерес на своето бизнис царство.
Тој додаде дека на владата и дава рок од два дена и дека потоа нема да може да ги сопре своите приврзаници да влезат во резиденцијата на премиерот во „Црвената зона“, во која се наоѓаат седиштето на владата и амбасадите.
Во меѓувреме пакистанскиот министер за внатрешни работи, Чаудри Нисар Али Кан изјави дека владата планира да формира два независни комитети од кои едниот ќе преговара со Кан, а другиот со Ул Кадри.
Е. Г.