Пакистан успешно тестираше ракета од среден дострел што може да носи нуклеарна боева глава, соопшти денеска пакистанската армија.
Во соопштението се наведува дека ракетата „Шахин“, со дострел од 1.500 километри, била тестирана вчера, но локацијата не се кажува, пренесоа американските медиуми.
Генерал Зубаир Махмуд Хајат кој присустуваше на тестирањето на ракетата изјави дека Пакистан нема агресивни намери кон никого.
Пакистан и претходно го тестираше истиот тип ракети, а оваа земја стана нуклеарна сила во 1998 година кога изведе подземна атомска проба како одговор на истите проби на својот сосед и ривал Индија, потсетија американските медиуми.
Двете земји досега имаат водено три војни од стекнувањето на својата независност од Велика Британија, во 1947 година.