Канадски научници ја искористиле функционалната магнетска резонантна томографија (fMRI) за да ја следат активноста на мозокот на пациент кој не реагирал на околината и му поставиле неколку прашања. Одговарајќи на низа едноставни прашања, пациентот кој последните 12 години бил во кома на лекарите успеал да им даде до знаење дека е свесен за неговата околина.
На прашањето како „Дали сте во болница“, пациентот одговарал под скенер концентрирајќи се на одговорите „да“ или „не“. На ист начин пациентот потврдил дека знае како се вика и дека е свесен дека се наоѓа во болница.
– Таа нова техника овозможува комуникација со некои пациенти за кои се верува дека се во вегетативна состојба, истакнува Адриан Овен, истражувач во Универзитетот Вестерн.
Благодарејќи на истата, лекарите ќе можат да ги распознаат свесните пациенти од оние кои навистина се во вегетативна состојба, многу побрзо и поверодостојно. Со таквото распознавање, на оние пациенти кои се свесни за нивната околина ќе можат да им се исполнат и нивните желби.
Во две одвоени посети на болници, со раздалеченост од пет месеци, истражувачите успеале да комуницираат со пациент и откриле дека може да се одржи текот на мислата и да се води богат ментален живот.
Често се случува после сериозни повреди на мозокот пациентите да ја изгубат способноста за физичко реагирање. Кога гледаме или му зборуваме на таков пациент, ние не знаеме дали тој може да не разбере и дали има каква било свест за неговата состојба, истакнува Лорина Наци, водителка на истражувањето.
Истражувањето е објавено во списанието Journal of American Medical Association for Neurology под наслов „Секој збор е важен кај пациентот кој не реагира“. Нивното истражување го следи развојот на технологијата која помага на комуникацијата со луѓето во кома.
Интерпретација на човечките мисли врз основа на активностите на мозокот без помош на зборови или гест е една од најпровокативните и најпредизвикувачките гранки на модерната неврологија, заклучи Наци.