Ученичките кои вчера беа ослободени од страна на екстремистичката група Боко Харам, денеска пристигнаа во Абуџа каде ќе се сретнат со претседателот на Нигерија Мухамед Бухари.
Боко Харам вчера ослободи 82 ученички од вкупно 276 колку што киднапира во 2014 година во нигерискиот град Чибок, пренесоа американските медиуми.
Светските агенции, исто така, наведуваат дека Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја објави можеби првата јавна фотографија од ученичките кои екстремистичката група Боко Харам ги ослободи.
На објавената фотографија се гледаат девојките во ред како носат маици со логото на Црвениот крст и одат по писта кон хелихоптерот што ги чека.
„Среќна глетка за семејствата на грабнатите“, наведе организацијата.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст во саботата беше посредник во размената на девојчињата за осомничени припадници на Боко Харам кои нигериските власти ги држеа во заробеништво.
Ова е најголемото ослободување на ученички од заробеништво на Боко Харам откако тие беа грабнати во 2014 година, наведуваат американските медиуми.
Девојчињата се ослободени благодарение на преговорите со Владата на Нигерија, рече еден претставник кој не сакаше да биде именуван, пренесоа британските медиуми.
Повеќе од 20 ученички беа ослободени во октомври минатата година во рамки на договорот во кој повторно посредуваше Црвениот крст.
Во меѓувреме, еден дел од девојчињата успеаја да побегнат, некои се спасени, но, како што јавуваат британските медиуми, пред овој најнов чин на ослободување се веруваше дека во заробеништво има уште 195 девојчиња.