Сопствениците и агенциите во кои е осигуран гигантскиот товарен брод „Евер Гивен“, кој во март речиси една недела го блокираше Суецкиот канал, постигнале принципиелен договор за решавање на спорот со управата на каналот околу отштетата за блокадата, изјавија претставници на двете страни, без да го наведат решението на спорот.
Централното прашање на спорот е висината на надоместокот што го побара Управата на Суецкиот канал поради шестдневната блокада на преминот во кој бродот беше блокиран и се насука.
Сумата ќе ја опфати операцијата за деблокирање на каналот, односно придвижувањето на бродот „Евер Гивен“ и трошоците настанати како резултат на прекинот на сообраќајот во каналот, што вклучува и транзитни такси што го пополнуваат државниот буџет на Египет.
Раководството на Суецкиот канал првично бараше отштета од 916 милиони долари, а подоцна го ублажи барањето на 550 милиони.
Судот во Каиро го одложи почетокот на постапката за 4 јули, бидејќи правниот тим на Управата на Суецкиот канал соопшти дека ја разгледуваат понудата на сопственикот на бродот.
Осомничениот виновник за блокадата, 400-метарскиот брод „Евер Гивен“, што плови под панамско знаме, а превезува контејнери меѓу Азија и Европа, според одлуката на египетските власти од март се наоѓа „во притвор“, задржан е и усидрен во езерото на средина од каналот, каде ќе остане се додека не се реши спорот за компензација .
Шестдневната блокада на каналот ја наруши глобалната испорака на стоки. Стотици бродови застанаа се додека не се деблокира каналот, а некои бродови беа принудени да поминат многу подолга рута низ цела Африка, што ги принуди да плаќаат дополнително за гориво и да направат други трошоци.