Општи избори во Панама

Од:

Во Панама денеска се одржуваат општи избори на кои се избираат претседател, заменик претседател, како и 71 претставници во Националното Собрание и 81 градоначалници.

Панама има 4,1 жители, а 2,7 милиони регистрирани гласачи, од кои 1,5 милиони избирачи се идентификуваат со одредена партија.

Од вкупно 71 член на Националното Собрание, 26 ќе бидат избрани во една изборна единица, а 45 ќе бидат избрани по пропорционалниот модел во повеќе изборни единици.

Претседателот на Панама се избира во еден круг, а гласачите треба да се изјаснат за еден од седумте кандидати, кој ќе ја води земјата во следните пет години.

Предизборната кампања беше фокусирана на борбата против корупцијата, подобрување на условите за живот, како и барање за уставни промени.

Според анкетите фаворит е бизнисменот Лорентино „Нито“ Кортизо од опозициската Демократската револуционерна партија (ПРД), дури 51 проценти од испитаниците изјавиле дека би гласале за него. Тој на политичката сцена во Панама е од 1994 година и извршувал повеќе функции, меѓу кои заменик претседател на Националното Собрание и министер за развој на земјоделството.

Тој во 2008 година и во 2012 година не успеа да добие доволно гласови да се кандидира на претседателските избори. Главна порака во предизборната трка му беше борбата против сиромаштијата, како и борбата против корупцијата и модернизација на панамското земјоделство.

На второ место, со поддршка од 23,1 отсто е адвокатот Ромуло Рукс од опозициската партија Демократска промена (ЦД). Тој во 2018 година побара од поранешниот претседател на Панама, Рикардо Мартинели да биде негов заменик. Мартинели, кој во моментов е во затвор, ја одби понудата и од затворската келија се кандидира за градоначалник на Панама Сити.

И Рукс подолго време е во политиката и беше дел од владата на Мартинели, вклучително и министер за надворешни работи. Покрај борбата против корупцијата тој ветува и подобрување на здравствената заштита и подобар образовен систем.

Хозе Изабел Бландон е актуелен градоначалник на Панама Сити и е член на Националното Собрание од 1999 година од владејачката партија Панамениста (ПП). Неговиот рејтинг е 9,1 отсто.Тој за градоначалничкиот мандат многу инвестираше во јавниот транспорт и градската инфраструктура. Во предизборието вети справување со корупцијата и подобрување на земјоделската индустрија.

Ана Матилде Гомез е независен претседателски кандидат. Таа во 2005 година стана првата жена државен обвинител на Панама.Гомез, која според анкетите има поддршка од 7,9 отсто од гласачите. Таа вети намалување на ингеренциите на претседателот во назначување на судии, со цел да се интензивира борбата против корупцијата. Нејзината кампања беше насочена и кон земјоделството и подобрување на здравствената заштита, пред се во оддалечените места.

Рикардо Ломбана е поранешен новинар, кој има поддршка од 5,3 проценти од гласачите. Неговата кампања покрај борбата со корупцијата беше насочена кон намалување на министерските места ветувајќи „најмала и најефикасна влада во светот“, како и реформи во образовниот систем.

Саул Мендез Родригез е синдикален лидер, а од 2010 година е генерален секретар на Националната унија за градежништво и слични работници (СОНТРАКС). Тој на претседателските избори е кандидат на Широкиот фронт за демократија и неговиот рејтинг е 1,3 проценти. Неговата кампања беше насочена кон економската политика и намалување на нееднаквоста помеѓу граѓаните.

Со најмал рејтинг од еден процент е Марко Амељо поранешниот заменик и поранешен претседател на Националното Собрание. Неговата главна поента во кампањата беше „назначувањето на функционери да биде според нивните заслуги, а не според корупцијата“.

Би можело да ве интересира

30.000 деца-мигранти годинава се обиделе да го преминат смртоносниот Панамски теснец

Силен земјотрес во Панама

Ана Ололовска

Двајца поранешни претседатели на Панама повикани на судење поради корупција

Ана Ололовска

Силен земјотрес ја погоди Панама, епицентарот 62 километри од брегот на Тихиот Океан

Панамскиот претседател соопшти дека му е дијагностицирана ретка болест на крвта

Ана Ололовска

Умерен земјотрес ја погоди Панама

Ана Ололовска