Нова, трета варијанта, на коронавирусот се чини дека се појави во Нигерија, изјави денеска шефот на африканските центри за контрола и превенција на болестите, Џон Нкенгасонг. Сепак најави дополнителна истрага за да биде потврдена информацијата.
Според првичните податоци, станува збор за поинаква варијанта во споредба со оние во Велика Британија и Јужна Африка. Нигерискиот центар за контрола на болестите и африканскиот центар ќе анализираат одреден број примероци.
„Дајте ни време… Сè уште е многу рано“, рече африканскиот експерт.
„Предупредувањето за постоење наводна нова варијанта на коронавирусот се заснова на две или три генетски секвенции“, додаде тој.
Африканскиот континент сега има повеќе од 2,5 милиона потврдени случаи на коронавирус, или 3,3 проценти од случаите на глобално ниво.
Инфекциите на континентот се зголемија 10,9 проценти во последните четири недели, рече Нкенгасонг, вклучувајќи го растот од 52 процента во Нигерија и 40 проценти во Јужна Африка.