Околу 421.000 Рохинџи од Мјанмар пристигнале во Бангладеш од крајот на август, соопшти денеска меѓународната организација за миграција (ИОМ).
– ИОМ, која ги координира напорите на ОН за помош во Бангладеш, регистрира по 20.000 нови бегалци, изјави портпаролот Џоел Милман во Женева.
Мјанмар е подготвен да организира враќање на повеќе од 140.000 Рохинџи кои побегнаа во соседен Бангладеш по спроведената антитерористичка операција, изјави претседателката на Мјанмар Аунг Сан Су Ќи.
– Подготвени сме да започнеме проверка на идентитетот на бегалците со цел нивно враќање…Загрижени сме поради фактот што голем број муслимани заминаа во Бангладеш. Мораме да провериме зошто се случува тој егзодус, изјави Аунг Сан Су Ќи во телевизиското интервју, три седмици по судирите во западниот дел на земјата.
Говорот на добитничката на Нобеловата награда за мир се очекуваше со нетрпение, имајќи предвид дека досега изразуваше безрезервна поддршка за војската, обвинета за кршење на човековите права.
– Осудуваме секако кршење на човековите права, изјави Су Ќи, притоа не споменувајќи ја војската, обвинета за палење села и убивање цивили.
Рохинџи е етничко муслиманско малцинство во Мјанмар. Припадниците воглавно живеат во државата Ракин во западниот дел земјата. Властите не ги признаваат за државјани, а будистичкото мнозинство со децении е обвинувано дека ги дискриминира и врши насилство над нив. Во Мјанмар и Ракин живее 10 проценти од светското население кое нема државјанство.