Првата дама на Украина Олена Зеленска даде интервју за Ројтерс во кое зборуваше за војната на Русија против Украина. Во него таа тврди дека Украина ќе биде во неволја ако светската солидарност со Украина почне да слабее и ги повика западните земји да воведат уште построги санкции кон Москва.
“Не сакам да верувам дека поддршката за Украина слабее. Верувам дека нема да исчезне. Верувам во здравиот разум, емпатијата, човечките емоции и добрите односи. Ако грешам, тогаш ќе имаме проблеми”, рече Олена Зеленска.
Таа додаде дека „нема учебник од кој може да се научи како да се биде сопруга на претседател на земја во војна“.
„Не можам да кажам дека сакав да бидам во центарот на вниманието, но секој глас во оваа информативна војна е важен. Ако ме слушнат, ќе ја искористам оваа можност“, продолжи таа.
На прашањето што е потребно за да се запре руската агресија, Зеленска рече дека санкциите против Русија „не смеат да бидат суспендирани, туку треба да се зајакнат“.
„Би сакале западните земји да продолжат по истиот пат. Колку повеќе финансиски го притискаат агресорот, толку помалку Русија ќе има можност да ја продолжи војната против Украина. Се надеваме дека ќе успее“, заклучи сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.