Францускиот претседател Франсоа Оланд изрази надеж дека наскоро ќе се најде политичко решение за прекин на конфликтот во Сирија, пренесоа француските медиуми.
Оланд ова го изјави во Москва, пред денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин.
-Се надевам дека во следните неколку недели ќе се приближиме со ставовите кон политичко решение, што ќе дозволи да заврши ескалацијата на конфликтот во Сирија, рече Оланд во интервју за радио „Ехото на Москва“.
Претседателот на Франција додаде дека забележал напредок на патот кон политички дијалог меѓу режимот во Дамаск и опозицијата.
-Многу нешта зависат од позицијата на претседателот Путин, рече тој.
Француските медиуми ја споменуваат улогата на Русија, еден од последните поддржувачи на режимот на Асад, која инсистира на тоа дека во Сирија е неопходен дијалог меѓу власта и опозицијата.
Франсоа Оланд на претстојните преговори со Путин планира да го покрене прашањето за политички преод во Сирија и за повлекување на Башар Асад.
-Ќе ги разгледаме тие прашања и се надевам дека ќе се дојде до дијалог за предавање на власта во Сирија, рече тој.
Оланд повтроно потврди дека Франција, како и другите западни држави, инсистира на повлекувањето на претседателот Асад, додека според Русија единствено Сиријците треба да решат за својата судбина.