Во текот на вчерашниот ден, исто како и изминативе денови, се одржаа големи протести во повеќе муслимански земји против карикатурите на пророкот Мухамед објавени во бројот на „преживеаните“ од Шарли Ебдо.
Една од најголемите манифестации се одржа во Чеченија, во Грозни каде се собраа околу 800 000 лица според руската влада, што претставува најголем собир во муслиманскиот свет.
Како одговор на овие протести, францускиот претседател Франсоа Оланд, на одбележувањето на седумдесет годишнината од основањето на агенцијата Франс Прес нагласи:
„Франција не им дава лекции на ниту една земја, но Франција не прифаќа никаква нетрпеливост. Ние не навредуваме никого кога ги браниме нашите идеи. Напротив, ние ги почитуваме сите оние на кои им се испратени нашите идеи за да ги споделиме.“
Како што пренесува дописникот на МИА од Париз, францускиот претседател во таа прилика им оддаде почит на убиените и ранетите новинари во рамките на нивната работа, посебно на фотографот на агенцијата Франс Прес, Асиф Хасан, кој беше ранет од огнено оружје во Карачи во протесетите против новите карикатури на пророкот Мухамед.
Франсоа Оланд во својот говор ја изрази неговата определба да се засили плурализмот во медиумите и се ангажира да биде донесен закон за зголемување на заштитата на изворите на новинарите уште во текот на оваа година.