Оланд најави ратификација на Европската повелба за регионални и малцински јазици

Од:

Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека наскоро ќе биде претставен уставен закон со кој во Франција ќе биде ратификувана Европската повелба за регионални и малцински јазици на Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Париз.

Оваа најава, Оланд ја даде во писмото упатено до пратеникот од редовите на Социјалистичката партија, Жан-Жак Урвоа, кој ја обелодени неговата содржина.

Повелбата донесена во 1992 од Советот на Европа ги обврзува земјите потписнички да ги признаат регионалните и малцинските јазици, како израз на културно богатство.

Франција веќе 23 години ја одложува ратификацијата, која беше ветена од Оланд за време на неговата предизборна кампања. Но, за да може тоа да се направи, претходно е потребно е да биде променет Уставот, во кој стои дека „јазик на Републиката е францускиот јазик“.

Промената на уставот ќе биде можна преку Конгрес, на кој се состануваат двата домови на Парламентот, Сенатот и Националното собрание, пишува Оланд.

Содржината на писмото на Оланд, кое е со датум од 1 јуни, е објавена во регионалниот весник „Телеграм“.

Предлогот на уставниот закон со кој се одобрува ратификацијата на Повелбата, беше предложен од Жан-Жак Урвоа. Тој беше изгласан со големо мнозинство од пратениците – 361 гласови „за“, 149 „против“ и 19 „воздржани“, при гласањето од 28 јануари.

Ако промената на Уставот на Франција е предложена од страна на парламентарците, таа треба задолжително да биде одобрена на референдум откако ќе биде одобрена од двата дома на Парламентот. Но, ако предлог-измената на Уставот доаѓа од Владата, претседателот на Републиката може да одлучи конечното усвојување да биде изгласано со мнозинство од три петтини од страна на Конгресот на двата парламентарни дома, кој се одржува во Версај.

Оланд и предочил на министерката за правда Кристијан Тубира да го подготви текстот на законот, кој наскоро ќе треба да се најде на дневниот ред на Парламентот.

Во Франција се зборуваат и факултативно се изучуваат повеќе регионални јазици, како бретонскиот, коризканскиот или алзашкиот јазик.

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата