Околу 15.000 руски војници биле испратени во Украина во последните два месеца, а неколку стотина веројатно се убиени во воените судири во земјата, соопшти невладина организација за заштита на човековите права.
– Во последните два месеца меѓу 10 и 15 илјади руски војници биле испратени таму. Околу 8.000 веројатно се наоѓаат моментно во Украина, изјави претседателот на „Комитетот на мајките на руските војници“, Валентина Мелникова.
Информациите за бројноста на војниците таа ги добила од семејствата, чии синови или сопрузи биле испратени во воените зони и оттогаш немаат никаков контакт со нив.
– Моментно воените команданти водат специјална тајна операција, истакна Мелникова, која, исто така, е и член на општествен совет при руското Министерство за одбрана.
Според руски невладини организации, најмалку 200 руски војници се убиени досега во Украина.