Од едно мексиканско вештачко езеро се крена црква од 16. век.
Таа била поплавена во текот на изградбата на брана на реката Грихалва, пред 40 години, но заради сушата водостојот на езерото Несауакојотл толку опаднал што црквата повторно се појавила на површината на водата.
Ова не е првпат такканаречениот Сантијагов храм да се појави на површината – во 2002 година водостојот бил толку низок што луѓето можеле да прошетаат до старата црква.
– Луѓето славеа. Доаѓаа на излети и дружења. Им продавав риба, изјави рибарот кој сега нуди тури со чамец околу храмот.
Црквата е изградена во колонијалниот период кога во овој дел од Мексико дошол шпанскиот фратар Бартоломео де лас Касас.
Лас Касас, првиот бискуп на Чијапас, сојузна држава во Мексико, на почетокот немал ништо против поробувањето на локалното население, но подоцна се покајал и се залагал за укинување на робовладетелството. Токму тој успеал да го убеди кралот Карлос да им ја врати слободата. Но, заради тоа се побуниле конквистадорите и останатите доселеници, па одлуката набрзо била повлечена.
Кога станува збор за црквата, таа е напуштена во текот на епидемијата од куга меѓу 1773 и 1776 година, а повторно откриена во 20. век.